Челниците на Манчестер јунајтед се подготвени да го продадат својот најдобар напаѓач Маркус Рашфорд за 130 милиони евра, пренесуваат англиските медиуми.
Рашфорд игра фантастично сезонава и веќе постигна 26 гола на 37 натпревари во сите натпреварувања, а буквално експлодира по заминувањето на Кристијано Роналдо од тимот во ноември минатата година.
Напаѓачот во 2023 година одигра 12 натпревари и постигна гол дури на девет натпревари, а со два гола учествуваше во вчерашната победа над Лестер од 3:0 во Премиер лигата.
Иако е најзаслужен за третото место на табелата на Јунајтед, управата на Црвените ѓаволи е подготвена да го продаде Рашфорд бидејќи преговорите околу новиот договор не одат во посакуваната насока.
Рашфорд според договорот кој му устекува идната година, заработува 200.000 фунти неделно и бара зголемување на платата за 100 отсто, односно со новиот договор да има неделни примања од 400.000 евра.
Управата на Јунајтед не е подготвена да му ја исполни желбата и му нуди 300.000 фунти неделно, колку што, според новиот правилник, е најголема сума која е подготвена да ја издвои за плати на фудбалерите.
Бидејќи не можат да најдат заеднички јазик, челниците на Манчестер јунајтед ја одредија цената за Рашфорд и таа изнесува 130 милиони евра. Според англиските медиуми, најголем интерес за напаѓачот пројавува ПСЖ, кој нема никаков проблем да ја плати бараната сума.