По малку неочекувано, Маркус Рашфорд летово стана нов играч на Барселона. Напаѓачот немаше иднина во Манчестер јунајтед и мораше да си замине, а успеа да пристигне во редовите на шпанскиот првак.
Рашфорд вели дека негова цел била да дојде во Барселона, клуб со којшто може да освои многу трофеи. На врвот на листата на Рашфорд е освојување на Лигата на шампионите со каталонскиот гигант.
„Сакам да ги освојам најголемите трофеи. Барселона е огромен клуб во светот на фудбалот и е совршено место за освојување големи трофеи. Минатата сезона тимот беше млад и амбициозен. Сакам да ги дадам моите квалитети и карактерот за да му помогнам на тимот да стане уште подобар. Не беше тешко да се донесе оваа одлука, од самиот почеток мојата преференција беше јасна. Ова е клуб со многу семејна атмосфера, нешто на што сум навикнат во минатото, па се чувствувам како дома. Го направив вистинскиот избор и возбуден сум што ќе го играм првиот натпревар пред навивачите. Подготвен сум да се соочам со сите противници и се надевам дека ќе ја освојам Лигата на шампионите, тоа е еден од најголемите трофеи во светот. Ги гледав натпреварите минатата сезона и тимот беше многу блиску. Се надевам дека ќе го направиме следниот чекор оваа сезона, сакам да му помогнам на клубот да го постигне тоа“, вели Рашфорд во пресрет на новата сезона.