Напаѓачот на Манчестер јунајтед и на англиската репрезентација, Маркус Рашфорд, откри дека пред нешто повеќе од една година, сериозно размислувал да го напушти Олд трафорд.
Рашфорд ги разгледувал опциите за неговата иднина пред да биде назначен Ерик тен Хаг за тренер на Црвените ѓаволи.
Одлуката да остане во Јунајтед и да игра под водство на Тен Хаг, се покажа одлична, Рашфорд минатата сезона постигна 30 гола во сите натпреварувања и имаше голем удел успешната сезона на Јунајтед.
Црвените ѓаволи по неколкугодишна пауза, освоија трофеј, тој за победникот во Лига купот, а згора на тоа играа во финалето на ФА купот, а го освоија третото место во Премиер лигата.
„Пред да пристигне менаџерот, размислував за заминување. Таков е фудбалот, сè се случува со причина и Тен Хаг пристигна во вистинско време. Сега приказната е поинаква, а јас сакам да продолжам да напредувам, како и целиот тим. Мора да бидеме подобри од минатата сезона, само така ќе освојуваме трофеи“, изјави Рашфорд.