Расинг клуб е вториот финалист на Копа Судамерикана откако синоќа аргентинскиот клуб го доби реваншот во полуфиналето против Коринтијанс со 2-1 и со вкупен резултат од 4-3 од двата натпревари се пласира во финалниот дуел за трофејот. Домаќините дојдоа до победата со пресврт и си обезбедија финален дуел со друг бразилски гигант, Крузеиро, кој го елиминираше Ланус ден претходно.
Фановите на „Академијата“ приредија уникатно пиротехничко шоу пред натпреварот, а повеќе од 55.000 навивачи не престанаа да ги поддржуваат своите миленици, кои се бореа за своето прво меѓународно финалe по 32 години.
Натпреварот започна лошо за Расинг, кој прими брз гол. Јури Алберто постигна гол за гостите уште во шестата минута.
Сепак, домаќините успеаја да го свртат резултатот во своја полза, а големиот херој на натпреварот беше Хуан Кинтеро, кој постигна два гола за аргентинскиот клуб во период само од три минути. Прво во 36-тата минута тој израмни од пенал, а во 39-тата минута Кинтеро повторно беше во прегратките на своите соиграчи откако изведе брза акција и ладнокрвно реализира за 2-1.
Така, Расинг за првпат во историјата ќе игра финале во овој турнир, каде што ќе се соочи со Крузеиро во битката за трофејот. Натпреварот ќе се одигра на 23 ноември на стадионот „Генерал Пабло Рохас“ во Асунсион, Парагвај.