Наполи забележа тешка, но значајна победа од 1-0 над Венеција на домашен терен и се израмни на врвот на табелата од Серија А со Аталанта, со по 41 бод.
Поранешниот шампион на Италија можеше да дојде и до поубедлива победа и многу порано да го отвори резултатот, но Ромалу Лукаку не успеа да реализира пенал во 37-мата минута, односно неговиот удар од белата точка го одбрани голманот на Венеција, Филип Станковиќ.
Единствениот гол на мечот, што значеше и победа за Наполи беше дело на Џакомо Распадори во 79-тата минута, откако најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник.
Наполи и Аталанта имаат по 41 поен на врвот од Серија А, еден повеќе од Интер, кој допрва треба да го одигра прекинатиот натпревар против Фиорентина, па со евентуална победа може да ги мине и двете екипи.