Џакомо Распадори потврди дека „шлаканиците“ на Џенаро Гатузо не биле само метафорични, туку и буквални, за да ја извлече Италија од кризата.
„Добив една по вратот“, призна тој на прес-конференцијата по победата на Аѕурите со 5-0 против Естонија во квалификациите за СП 2026.
„Тој навистина ни удри шлаканици, јас добив една по вратот. Овие денови ни влеа многу решителност и карактер, затоа што сме талентирани играчи, само треба да го покажеме тоа на терен и да го докажеме. Мислам дека одигравме солиден натпревар од почеток до крај, бидејќи не е лесно да постигнеш пет гола против таков тим. Треба да веруваме дека сме на вистинскиот пат за да продолжиме напред“, изјави Распадори по убедливиот триумф.
Гатузо беше назначен токму затоа што беше дел од тимот кој го освои Светското првенство во 2006 година, како и поради неговиот страствен пристап кон фудбалот.
„Сквадра Аѕура“ не се има пласирано на Мундијал уште од 2014 година, а сега надежите се насочени кон Гатузо. Распадори додаде дека добил голема инспирација од новиот селектор.
„Имав среќа да го гледам како игра, па препознавам сè во начинот на кој се движи на тренинзите сега, во начинот на кој зборува со нас како група, но и индивидуално. Тој ни покажува колку е важен дресот на Аѕурите и што претставуваме ние. Се справивме добро, брзо го прифативме тоа и се подготвивме на најдобар можен начин. Сега треба да продолжиме вака“, рече Распадори.