Растат шансите на Валенсија – Ајакс ќе го игра клучниот меч без двајцата најдобри стрелци

Најдобриот стрелец на Ајакс во Лигата на шампионите, Квинси Промес и најдобриот асистент Хаким Зијех утре нема да играат против Валенсија во клучниот меч од Х групата за пласман во следната фаза.

Неизвесен е и настапот на голманот Андре Онана, но според информациите од холандските медиуми тој ќе брани, утре од 21 часот во меч од последното коло во фазата по групи во Лигата на шампионите.

И двајцата офанзивци се повредени и нема да настапат, а вкупно беа стрелци на половината од головите што ги постигна Ајакс во петте кола.

Промес има постигнато 4 гола и има една асистенција, а Зијех постигна два гола досега и имаше пет прецизни додавања за погодок на соиграчите. Интересно е што и двајцата ја погодија мрежата на Валенсија на првиот меч на „Месталја“ кога Ајакс победи со 3:0.

На домаќините кои се лидери со 10 бода им одговара и реми, додека Валенсија ќе мора да оди на победа, или да чека кикс на Челзи против отпишаниот Лил, што тешко ќе се случи.

Пред стартот на последното коло Ајакс е лидер со 10 бода, а Валенсија и челзи имаат по 8, со подобар меѓусебен скор на шпанскиот тим. Лил е последен со само еден бод.

 

- Оглас -

Најнови вести