Атмосферата расте пред почетокот на Европското првенство, а полека, но сигурно расте и дозволениот број гледачи за историскиот меч на Македонија на 13 јуни против Австрија во Букурешт.
Според најновите информации вкупниот капацитет со ограничен број на места поради корона-вирусот ќе биде 18.360, што е за околу 6 илјади повеќе од првичниот план на организаторите и на УЕФА.
На почетокот организацискиот комитет во Букурешт и УЕФА објавија дека ќе може да има околу 12.500 публика за дуелот меѓу Македонија и Австрија на 13 јуни од 18 часот, потоа беше дозволено да има 16 илјади гледачи, а сега веќе бројката порасна на 18.360.
Билети во слободна продажба за првиот натпревар на Македонија на големо натпреварување имаше до вчера, информација што ја објави УЕФА.
Вкупниот капацитет на Националната арена во Букурешт е над 55 илјади места, но поради корона-вирусот, капацитетот е намален сега на 18.360 гледачи за дуелот меѓу Македонија и Австрија.
На истиот стадион ќе играме и против Украина на 17 јуни од 15 часот, а потоа се селиме за Амстердам, каде што ќе ѝ излеземе на мегдан на Холандија на 21 јуни од 18 часот.