Ракометарите на Еурофарм Пелистер со голем напор стигнаа до посакуваната победа против Охрид, но пред македонскиот шампион допрва претстојат сериозни предизвици.
В четврток битолчани ќе го пречекаат Динамо Букурешт во клучен натпревар за пласман во нокаут-фазата од Лигата на шампионите.
„Имавме напорна недела со тешки натпревари, особено поради долгото патување во Португалија. Во Лисабон игравме одлично 45 минути, но конечниот резултат не го отсликуваше нашиот труд. Натпреварот против Охрид го подготвивме само со еден тренинг, но момците дадоа сè од себе и заслужено победивме. Сега сме целосно фокусирани на Динамо Букурешт. По ден за рекуперација, веќе работиме напорно за овој меч. Среќни сме што повторно ќе играме пред нашите навивачи“, изјави тренерот Раул Алонсо.
Тој го пофали противникот, но верува дека со поддршката од домашната публика, Пелистер може да стигне до победа.
„Динамо Букурешт е исклучително квалитетен тим, со врвни ракометари на сите позиции и одличен тренер во Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис го продолжи во истиот правец. Сепак, дома сме многу силни. Навивачите ни носат дополнителна енергија и подготвени сме за добар натпревар. Динамо има комплетен состав, силна одбрана и организиран напад, но и покрај нивните послаби резултати во последните недели, тие остануваат голем тим. Сите дуели во Лигата на шампионите се важни, но со вистинската атмосфера можеме да оствариме позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за успех“, порача Алонсо.