Раул Алонсо: Со поддршка на навивачите, можеме да ја победиме Висла

Тренерот на македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, ги сподели своите очекувања пред важниот дуел против Висла Плоцк во Лигата на шампионите.

Алонсо се надева дека публиката во Битола ќе биде клучен фактор за поддршка и ќе им помогне на неговите играчи да започнат добро, што е од суштинско значење за позитивен резултат.

„Висла е тим со капацитет да стигне далеку во Лигата на шампионите. Тоа е проект кој има голема тежина, не само во Полска туку и на меѓународната сцена. Можеби не се во идеална форма во моментов, но за нас овој натпревар е од исклучителна важност, особено што играме дома. Очекувам навивачите да ни дадат дополнителна енергија. Мораме да бидеме добри уште од стартот на мечот. Имаме 60 минути да покажеме квалитет и да се бориме за победа“, изјави Алонсо.

Тој исто така го истакна својот оптимизам за напредокот на тимот.


„Секојдневно гледам позитивни знаци, навивачите се секогаш со нас, а тимот се труди напорно. Задоволен сум од играчите и нивната работа, и верувам дека тоа ќе резултира со победа на утрешниот меч“, дополни тренерот на Пелистер.

Натпреварот со Висла Плоцк претставува голем предизвик за Еурофарм Пелистер, но и можност за значајна победа пред домашната публика.

- Оглас -

Најнови вести