Карим Бензема од Реал Мадрид со синоќешниот погодок против Викторија Плзењ, негов прв по подолго време, придонесе за триумфот на својот тим од 2-1 и стана само третиот фудбалер во историјата на Лигата на шампионите, по Раул Гонзалес и Лионел Меси, кој постигнал барем по еден гол во 14 сезони по ред во најсилното клупско натпреварување.
Бензема е првиот играч од шпански клуб кој сезонава во сите натпреварувања постигнал три гола со глава и, уште позначајно, го надмина Руд ван Нистелрој на вечната листа на стрелците во ЛШ. Повеќе голови од Бензема (сега има 57 гола во ЛШ, од кои 12 за Лион и 45 за Реал) имаат само Кристијано Роналдо (120), Меси (105) и Раул (71).
МАРСЕЛО Е ВО ФОРМА, А НЕИЗВЕСЕН Е ЗА „КАМП НОУ“ В НЕДЕЛА
Реал синоќа конечно победи по 31 ден без радост, но не остави позитивен впечаток. Дополнителен проблем е што „кралевите“ во последните минути играа без Марсело, кој се повлече откако доби силен удар. Бразилскиот лев бек е во форма, даде голови на последните два меча и за тимот би било сериозен проблем ако не може да смета на него на неделното дерби против Барселона.