Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, го вклучи Мохамед Салах во екипата за утрешниот натпревар со Брајтон, објавија англиските медиуми. Холандскиот стратег потврди дека денеска лично разговарал со Салах и дека по тој разговор ја донел својата одлука.
Салах претходно беше изоставен од екипата за патувањето во Милано на мечот против Интер во Лига на шампиони. Легендата на Ливерпул претходно во емотивно интервју го изрази своето разочарување што е оставен на клупата три последователни натпревари, како и целокупниот став кон него. Ова доведе до многу шпекулации за неговата иднина, а самиот играч дури и наговести дека натпреварот со Брајтон може да биде неговиот последен за Ливерпул. После тоа, тој ќе замине за да учествува на турнирот Африкански куп на нации, а по неговото враќање, зимскиот преоден рок ќе биде отворен.
Слот денес изјави дека нема причина да не сака Салах да остане во тимот. Останува да се види дали Салах утре ќе биде стартер или ќе остане на клупата за почеток. Во четирите натпревари во кои Салах не беше во стартниот состав Ливерпул има биланс од две победи и две нерешени средби.

