Различно расположение кај најискусните и кај најмладиот Рибар – Скуласон и Јоханесон не играат, Бјарнасон ќе слави рекорд во Скопје

Исланѓаните доаѓаат во Скопје без императив за победа против Македонија откако испаднаа од трката за пласман на Мундијалот во Катар, но ни направија огромна услуга со ремито без голови против Романија, па сега ние сме на прагот да играме дополнителни бараж-мечеви за настап на прво Светско првенство.

Популарните Рибари треба да паднат во Скопје во недела за Македонија да биде второпласирана во Ј групата и да стигне на два чекори до пат за Катар, на Мундијалот идната година.

Гостите интересно доаѓаат на гости во Македонија, без двајца играчи од две различни генерации, а капитенот ќе им слави рекорден настап.

Десниот бек Ари Скуласон, кој има 83 настапи за Исланд, се повреди на мечот со Романија, беше заменет во 15-тата минута и нема да игра на 14 ноември против нас во Скопје од 18 часот.

Скуласон според бројот на настапи, од стандардните првотимци на Рибарите е трет, зад Биркир Бјарнасон со 104 настапи и зад Биркир Мар Севасон со 102 меча за Исланд.

Против Македонија нема да игра и најмладиот репрезентативец Исак Јоханесон, кој има 18 години, и тоа поради парни жолти картони.

Само тој од исландските репрезентативци во Букрешт беше казнет со жолт картон од страна на судијата Карасев и тоа му е втор, па нема право на настап.

Исланѓаните се надеваат на изненадување, а капитенот Биркир Бјарнасон дека со победа ќе го прослави убавиот момент во неговата кариера.

На мечот со Македонија играчот на Адана Демирспор со 105 настапи ќе стане апсолутен рекордер кај Исланѓаните, пред Рунар Кристинсон со 104 натпревари за Рибарите.

Мечот што е клучен за нас во битката за втората позиција и учество во дополнителните баражи за пат на Мундијалот во 2022 година ќе се игра во недела, од 18 часот, на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести