Разочараниот Ѓоковиќ објасни низ каква агонија поминувал: „Не можев да издржам“

Новак Ѓоковиќ го предаде мечот во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија против Александер Зверев, и тоа по завршување на првиот сет кој го доби германскиот тениер со 7:6 (5). По мечот, најдобиот тенисер на сите времиња се обрати до јавноста и објасни зошто морал да се повлече од теренот.

„По мечот со Алкарас немав удрено ниедно топче. Се обидував да направам сè што треба за да закрепнам, да ги санирам повредите. Постојано пиев лекови, бев бандажиран со завои, посетував физиотерапевт. Тоа ми помогна во првиот сет да можам да издржам, но почнав да чувствувам болки и едноставно не можев да продолжам. Можеби ќе издржев уште половина сет, но и да го освоев првиот сет, тешко дека ќе можев да продолжам“, рече Ѓоковиќ по предадениот меч во полуфиналето на турнирот во Мелбурн.

Рекордерот по бројот на титули во Отвореното првенство на Австралија додаде дека постои можност ова да е неговото последно појавување како играч на турнирот во Мелбурн.

„Можно е да беше ова последен пат да играм во Мелбурн. Да оставиме да видиме како ќе се движи сезоната. Би сакал да можам да се вратам повторно тука, но тоа само ако бидам здрав и мотивиран. Секако дека постои шанса ова да беше мој последен настап на АО“, додаде Ѓоковиќ.

Во второто полуфинале ќе играат Синер и Шелтон.

- Оглас -

Најнови вести