Реакција на РФМ: АЕК го прекрши спортскиот кодекс, очекуваме праведна одлука од ЕХФ

Ракометната Федерација на Македонија објави соопштение во кое со жалење ја информира јавноста за неодиграниот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп, на кој македонскиот претставник Алкалоид требаше да се соочи со грчкиот тим АЕК.

„Натпреварот не се одигра откако тимот на РК АЕК одби да излезе на теренот. Според информациите со кои располага Федерацијата, причината за оваа одлука на гостинскиот тим е поврзана со бројот на навивачи од Грција кои допатуваа во Скопје, и покрај тоа што за гостинскиот тим беа одобрени 200 влезници, значителен број навивачи бараа пристап на трибините без обезбедени билети.

По повеќе од 30 минути неизвесност и чекање, организаторите беа принудени да го одложат натпреварот, поради отсуството на едниот тим на теренот. Со ова, спортскиот дух и ферплејот беа сериозно нарушени, а публиката и македонскиот ракомет беа лишени од едно финале на кое долго се чекаше.

РФМ остро го осудува ваквото однесување, кое е спротивно на правилата и регулативите на Европската ракометна федерација. Сметаме дека неизлегувањето на терен од страна на РК АЕК претставува директно прекршување на спортскиот кодекс и обврските кои произлегуваат од учеството во натпреварувањето организирано под капата на ЕХФ.

Во таа насока, очекуваме ЕХФ да донесе праведна одлука која ќе го заштити интегритетот на натпреварувањето и фер односот кон клубовите кои ги почитуваат правилата.

Истовремено, изразуваме целосна поддршка на РК Алкалоид, кој покажа максимална спортска подготвеност и професионален пристап. Убедени сме дека нашите клубови, навивачите и сите засегнати страни заслужуваат фер и транспарентен третман.

Со почит,

Ракометна федерација на Македонија“.

- Оглас -

Најнови вести