Англискиот напаѓач Мејсон Гринвуд ова лето се пресели од Манчестер јунајтед во Олимпик Марсеј со трансфер вреден 26 милиони евра. Претходната сезона ја помина на позајмица во Хетафе, што му беше прва сезона по пауза од година и пол поради сериозни обвиненија за силување.
Гринвуд никогаш не беше осуден, бидејќи сведоците ненадејно се повлекоа, но индициите против него остануваат силни, па минатото лето неколку англиски клубови под притисок на јавноста се откажаа од обидите да го доведат. Во исто време, Манчестер јунајтед никогаш не ја укина неговата суспензија, а повеќе не се смета на него ниту во англиската репрезентација.
Досега, Гринвуд се покажува како еден од најдобрите летни трансфери. Во своите први четири настапи за Олимпик Марсеј постигна пет голови, па тој експресно се најде на радарот на Реал Мадрид, Барселона, ПСЖ и Баерн Минхен. Сите овие клубови сериозно размислуваат за негово доведување, и покрај тоа што обвинението за силување ја обележа неговата кариера.
Во јануари 2022 година, Гринвуд беше суспендиран откако неговата девојка, Хариет Робсон, го обвини за сексуално и физичко насилство. Робсон на Инстаграм објави снимки од хематоми и модринки на своето тело, а објави и аудиоснимка на која се слуша како маж чиј глас многу наликува на Гринвуд ја присилува на сексуален однос.
Фудбалерот беше експресно уапсен, а Манчестер јунајтед го суспендираше и го отстрани од првиот тим. Гринвуд кратко време беше во притвор, а потоа беше ослободен за да се брани од слобода. Наскоро ги прекрши условите на ослободување контактирајќи ја, а наводно и заканувајќи и се на Робсон, по што повторно беше уапсен, а потоа плати кауција и повторно беше ослободен.
Пред самото судење се случи пресврт. Робсон и останатите сведоци ненадејно се повлекоа од давање искази, па Гринвуд автоматски беше ослободен поради недостаток на докази.
Тој и Робсон ја обновија врската и подоцна добија дете, а сега Гринвуд е еден од најдобрите фудбалери во францускиот шампионат.