Серхио Рамос ќе го пропушти денешниот меч против Шахтaр во првото коло од Лигата на шампионите, но тоа не треба да претставува голем хендикеп за шпанскиот првак да стигне до посакуваните три бода. Капитенот Рамос се жали на повредата заработена на дуелот со Кадис, па денеска ќе мирува за да биде подготвен за в сабота, кога Кралскиот клуб треба да гостува на Барселона во Ел Класико.
Отсуството на Рамос е мал проблем за Зинедин Зидан, во споредба со тоа што се соочуваат гостите. Дури осуммина фудбалери на Шахтар не се во можност да играат во Мадрид, и тоа сите поради зараза од опасниот корона-вирус, а тоа се: Тајсон, Ален Патрик, Серхи Кривцов, Јеврен Конопљанка, Микола Матвиенко, Виктор Коваленко, Тарас Степаненко и Жуниор Мораес.
Овие два клуба играа во ЛШ во 2015 година и Реал на двапати победи со по четири дадени гола (4:0 во Мадрид, 4:3 во Лвов). И сега Реал е голем фаворит, а тимот на Зидан посебно има мотив да триумфира за да се врати по шокантниот пораз од Кадис.
Иако ќе игра без многу стандардни играчи, се очекува Шахтар да игра во формација 4-3-3, што значи дека гостите нема да се бранат во Мадрид.