Реал без Рамос не личи на најтрофеен клуб, Суарес има кошмар наречен Баерн

Тим кој загубил во првото коло од Лигата на шампионите, никогаш не станал првак и ова е нешто што најавува дека европскиот првак за сезоната 2020/21 нема да биде од Мадрид. Реал и Атлетико ќе имаат шанса да го поправат впечатокот кој го оставија во воведната рунда, но поразите од Шахтар, односно Баерн покажаа дека и не се случајни.

Реал првпат загуби меч на свој терен во прво коло, па сега загрозена е онаа серија од 28 пласмани во втората рунда. Реал никогаш не бил трети или четврти во првата групна фаза, но ако игра како против Шахтар, црно им се пишува на белите. Статистиката покажува дека Реал редовно губи кога Марсело игра 90 минути, но и дека 13-кратниот европски првак е немоќен кога на терен го нема капитенот Серхио Рамос.

Од последните осум европски мечеви на Реал без Рамос, тимот загуби дури седумпати, а победи само еднаш, на гости против Бриж. Ваквата зависност од дефанзивецот кој е лидер на тимот покажува дека без Рамос, Кралскиот клуб е очаен.

Атлетико Мадрид сезонава уште не знае за пораз во шпанското првенство, но синоќа Баерн им покажа каде им е местото во Европа. Баварците и без гол од Левандовски или Гнабри, кој не ни играше, му дадоа четири парчиња на Атлетико, што е првпат Јорганџиите да примат „покер“ со Диего Симеоне на клупата.

Посебна приказна е Луис Суарес. Уругваецот има огромна црна серија од 22 меча по ред без да даде гол на гостински терен во ЛШ, а тој најмногу ја осети силата на Баерн на својa кожа. Суарес во август и сега одигра два меча против Баерн и билансот му е два порази, со вкупна гол-разлика 2-12.

 

- Оглас -

Најнови вести