Ако годината се гледа по резултатите на стартот, тогаш не се пишува добро на Реал Мадрид. Најтрофејниот шпански тим загуби на свој терен од Реал Сосиедад со 0:2, во дуел од 18. коло на Примера дивисион. Ова за Реал беше втор меч во 2019 година и уште нема победа. На првата средба одигра 2:2 на гости кај Вилјареал.
Реал Сосиедад уште во третата минута најави дека е дојден по изненадување на „Сантијаго Бернабеу“. Вилијан Жозе погоди од пенал за 1:0 на полувреме. Реал се обидуваше да израмни, ја погоди и пречката, но наместо гол, домаќините добија црвен картон. Во 61 минута, поради два жолти картони, Лукас мораше да ја напушти играта.
Соседад знаеше да ја искористи бројчаната предност на теренот, па во 83 минута со голот на Пардо стигна до 2:0 и ставија крај на надежите на мадриѓани дека може да се спасат од пораз. Во 93 минута Вилијан Жозе имаше шанса за 3:0, но промаши од позиција од која е многу полесно да се погоди мрежата.
На овој меч уште еднаш се виде дека најголем проблем на Реал е реализацијата, па го претрпеа вториот пораз на „Сантијаго Бернабеу“ сезонава. Соседад покажа дека е одличен на гостински терен. Во 10 меча стигна до петата победа и 16 бодови. Единствено Барселона има освоено повеќе бодови од гостувањата.