Реал доби засилување во нападот за гостувањето во Менхенгладбах

После долго отсуство, Еден Азар се враќа на располагање во Реал Мадрид. Белгискиот фудбалер е повикан за мечот од Лугата на шампионите против Борусија Менхенгладбах кој се игра во вторник во Германија. После лошата игра и поразот од Шахтар, Реал не смее да си дозволи нов кикс, па гостувањето кај Менхенгладбах им е многу важно.

Азар нема играно уште од 7 август кога Реал загуби од Манчестер сити, постојано се мачи со повреди. Самодовербата во тимот е огромна после победата над Барселона, но им треба такво издание и против германскиот тим кој во првото коло за малку ќе победеше во Милано против Интер.

Присуството на Азар е добра вест за Зидан, кој вака ќе има една офанзивна опција плус, а позитивна вест е и тоа што Федерико Валверде нема повреда, па и тој ќе може да игра, иако предвреме го напушти Ел Класико на кое даде гол. Лоша вест за Реал е што Начо има повреда, па проблемот на позицијата десен бек повторно треба да се решава.

Најверојатно шанса ќе добие Лукас Васкес кој доби позитивни коментари за играта против Барса на оваа позиција која за него не е природна. На листата на повикани е и младинецот Серхио Сантос кој е десен бек на Кастилја, и нема искуство од играње за првиот тим на Реал.

- Оглас -

Најнови вести