Барселона има пет бода предност во однос на Реал Мадрид и на едно коло до полусезоната, Каталонците си ја обезбедија есенската титула. Во 10 од последните 13 сезони кога Барса била прва на полусезона, на крајот била и шампион.
Актуелниот првак Реал има 42 бода, само еден помалку од минатата сезона, кога по 18 рунди имаше 43 и беше прв.
Но, големата разлика е кај Каталонците. Во минатата сезона Барселона во овој период имаше дури 19 бода помалку од сегашниот скор и беа седми на табелата. Клучот на успехот е во одбраната. Барселона сезонава на 18 меча има примено само шест гола, од кои три против Реал, а на останатите 17 меча само трипати примија гол.
Во минатата сезона Барса во првите 18 кола имаше примено 22 гола, а ја подобрија и ефикасноста во однос на лани за осум погодоци.