Реал е крал во шпанската кошарка, победи во „Ел Класико“ финале против Барселона за 36-та титула

Реал Мадрид ја освои рекордната 36-та титула во Шпанија, откако вечерва ја победи Барселона со 81:74 и ја заврши финалната серија со 3:1 во победи против вечниот ривал.

Последниот период што домаќините го добија со 24:18 го одлучи и победникот на четвртиот меч и беше клучен за блескав триумф на Реал во финалната серија во баскет „Ел Класико“.

Репрезентативецот на Зеленортските острови, Валтер Тавареш беше најефикасен на мечот со 25 поени, а блескаше и под обрачите со 13 скока.

Фабиен Козер постигна 17 поени за Реал и беше втор стрелец на мечот што му донесе нов пехар на најтрофејниот европски и шпански клуб.

Сезонава Реал ја победи Барселона и во полуфиналето во Евролигата, но потоа не успеа да стане европски првак, по поразот од Ефес, но шпанската титула ќе ги зацели раните.

Никола Миротиќ со 14 поени и Данте Ексум со 13 беа најдобри поединци кај Барселона, која не успеа да ја освои јубилејната 20-та шпанска круна.

 

- Оглас -

Најнови вести