Реал Мадрид и Атлетико Мадрид одиграа 1:1 на „Сантијаго Бернабеу“ во дербито на 23. коло во шпанското првенство. Домаќините доминираа на теренот, имаа повеќе шанси, но на крајот тие беа тимот што мораше да брка негатива и на крајот се спаси од пораз.
Првото полувреме беше без многу возбудувања, а во вториот дел, Атлетико остана со фудбалер помалку по исклучивањето на Кореа, кој доби црвен картон поради удирање на противнички играч без топка.
Иако со играч помалку, Атлетико прв даде гол и тоа од прекин. Гризман нафрли, а Хосе Хименес со глава погоди во мрежата на Куртоа. Реал се спаси од пораз благодарение на погодокот на 18-годишниот тинејџер Алваро Родригез, кој истотака погоди со глава по корнерот на Лука Модриќ.
Со овој освоен бод, Реал Мадрид сега има 52 бода од 23 меча и заостанува седум бодови зад Барселона која е лидер со 59 бодови, а каталонскиот гигант утре игра на гости кај Алмерија.