Дербито меѓу Рома и Реал Мадрид на „Олимпико“ уште не започнало, а двата тима можат да бидат порелаксирани бидејќи сигурно ќе се пласираат во осминафиналето од Лигата на шампиони. Тоа стана јасно откако ЦСКА загуби од П’лзењ со 2-1, па рускиот тим ги загуби и теоретските шанси да се бори за едно од првите две места.
ЦСКА добро започна и на полувремето имаше предност од 1-0, но П’лзењ не само што не се предаде, туку во вторите 45 минути направи целосен пресврт.
Единствениот предизвик за Рома и Реал вечерва ќе биде борбата за првото место во групата.
Групната фаза ја помина и Ајакс. Некогашниот европски првак со 2-0 победи на гости кај АЕК во Атина и со 11 бодови сигурно ќе биде прв или втор на крајот, по завршување на шестте кола во групата.
Од претходно, сигурно место во осминафиналето имаше обезбедено само уште Барселона.