Реал Мадрид едвај чека да заврши сезонава, во која нема да стават ниту еден нов трофеј во клупските витрини. Единствено позитивно е тоа што е обезбеден пласман во Лигата на шампиони за следната сезона, во која сигурно амбициите ќе биде да не се повторат лошите резултати од сега.
Поради тоа, Кралскиот клуб се фокусира на доведување на нови играчи. Се споменува дека прво големо засилување ќе биде Еден Азар од Челзи. Шпанскиот весник „Марка“ веќе шпекулира и со два датуми кога би можело и официјално да биде комплетиран овој трансфер.
Првиот датум е 12 мај, а оваа опција е возможна, ако Челзи биде елиминиран од Ајнтрахт во полуфиналето од Лигата на Европа, што сепак е помалку веројатно. По првиот меч во Франкфурт, резултатот беше 1:1 и Челзи е фаворит на свој терен, во реваншот на „Стемфорд Бриџ“.
Втората опција е договорот да биде објавен на 19 мај, кога ќе заврши шпанското првенство. Азар е фудбалерот кој се гледа како замена за Кристијано Роналдо. Без Роналдо, Реал сезонава одигра очајно. Белгискиот репрезентативец сака да заигра на „Сантијаго Бернабеу“, а единствено треба Челси да даде дозвола.
Според шпекулациите, Реал ќе плати 140 милиони евра за трансферот, а Челси ќе се сложи да го продаде, бидејќи Азар има само уште една година од договорот со англискиот клуб.