Реал Мадрид прави чуда сезонава. Кралевите ја освоија титулата во Шпанија, и тоа на последниот ден од април, а синоќа се пласираа во финалето на Лигата на шампиони. Кралевите в недела играат градско дерби против Атлетико Мадрид, дуел кој е еден од најатрактивните во 34-тото коло на Спортска прогноза.
Победничкиот менталитет на Реал е неспорен, но прашање е дали Карло Анчелоти ќе има мотив да ги става најдобрите фудбалери на терен и да ги форсира кога титулата веќе е освоена. Кралевите сега мирно може да се подготвуваат за 28 мај и финалето против Ливерпул во Париз, па затоа и едвај 20 отсто од прогнозерите веруваат дека Реал ќе слави на „Ванда Метрополитано“.
Во ова коло дерби има и во Холандија, и тоа Феенорд – ПСВ, а тука гостите се фаворити. На понудата има уште 11 интересни дуели од најсилните лиги во Европа, а како и во секое коло, главната премија е мобилен телефон „ајфон 12“, кој се добива за погодени сите 13 фиксови. За 12 и 11 погодоци, следуваат вредносни ваучери од Sport Life од по 1.000 и 500 денари.