Реал ќе го промени името на легендарниот стадион

Реал Мадрид планира да го промени името на легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, пренесува шпанскиот весник „Марка“. Стадионот ќе го носи само презимето на поранешниот фудбалер и претседател на клубот, па ќе се вика едноставно „Бернабеу“.

Како што се наведува, причините за оваа промена се поврзани со трговски и маркетиншки цели. Процесот веќе е започнат, а промената е видлива на неколку нивоа. Официјалниот веб-сајт на стадионот го носи името „Бернабеу“, исто како и профилот на „Инстаграм“.


Туристичката тура низ стадионот е наречена Tour Bernabeu, а макетите и сувенирите на стадионот исто така го изоставуваат името „Сантијаго“.

Се смета дека оваа промена има цел да создаде модерен имиџ за стадионот, а пократкото име ќе овозможи и полесно склучување спонзорски договори. Постои можност во иднина стадионот да го носи и името на некоја голема светска компанија, по примерот на други европски клубови.

По реконструкцијата, стадионот нуди нови можности за различни настани, како концерти, гала-вечери и конференции, што значително го зголемува финансискиот приход на Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести