Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, добил целосна поддршка од челниците на клубот откако се јави незадоволство кај поголем дел од фудбалерите. Како што пренесуваат голем број медиуми од Шпанија, Алонсо нема да биде сменет од тренерската функција, иако во екипата се појави клан кој не е задоволен од работата на тренерот и неговите методи.
„Чаби е шефот, тој е над сите играчи, без разлика колку се важни за тимот. Тој е лидер на проектот и никој не се сомнева во него. Реал Мадрид ги поддржува сите одлуки на Чаби Алонсо, дури и онаа дека Винисиус Жуниор започнува одредени натпревари од клупата, како и различните тактички идеи. Клубот верува дека тој е совршен тренер за Реал. Тие му веруваат целосно“, е јасната порака од раководството на Реал Мадрид, пренесена од весникот „Марка“.
Шпекулациите за незадоволство кај играчите започнаа од Винисиус Жуниор. Бразилецот беше незадоволен затоа што на неколку натпревари тренерот Чаби Алонсо го вади од игра пред крајот на мечот. По Винисиус, како незадоволни играчи од работата на Чаби се придружија и: Феде Валверде, Родриго, Брахим Дијас, Ендрик и Менди.
Тие не се задоволни од методите на работа на новиот тренер. Се обидоа да го отпуштат, но не успеаја и мора да се помират со фактот дека клубот застана зад Чаби.
Реал Мадрид, предводен од 44-годишниот тренер, моментално е лидер во Примера дивисион со еден бод предност пред Барселона, а добро „плива“ и во Лигата на шампионите, каде што по првите четири кола има три победи и еден пораз. Кралксиот клуб утревечер ќе гостува кај Олимпијакос во рамките од петтото коло во ЛШ.

