Победата на Реал Мадрид на денешното гостување од 16.15 часот кај Вилјареал би била изненадување, барем според коефициентите во Sport Life. Квотата за единица е помала од таа за двојка, а главна причина за тоа не е што Жолтата подморница е втора на табелата и одлично игра сезонава, туку што гостите ќе настапат без тројцата главни фудбалери.
Во одбраната ќе го нема лидерот Серхио Рамос кој е повреден, а ќе го нема ни Милитао кој имаше „сомнителен“ тест за коронавирус, па не отпатува во Валенсија. Познато е дека без Рамос, одбраната на Реал е многу лоша и тимот често губи кога капитенот не е на терен. Добра вест е враќањето на Карвахал, но тој имаше долга пауза и прашање е колку ќе може да помогне и во каква форма е.
Во средината, ќе го нема Бразилецот Касемиро, кој исто како и Милитао, имаше два негативни теста, но потоа имаа еден „неодреден“, па Реал не смееше да ги земе со себе на ова тешко гостување. Касемиро е клучен играч во формацијата на Зидан, во тимот нема природна замена за него.
Првпат сезонава во тимот ќе го нема ни првиот стрелец Карим Бензема. Французинот беше во форма, на четири меча по ред даваше гол, но се повреди во дебаклот против Валенсија и не е целосно заздравен. Можно е да се врати против Интер. Проблем е што нема да игра и неговата прва замена Лука Јовиќ кој има коронавирус. Малерозниот Србин сигурно ќе беше стартер, но нема да ја дочека својата шанса да се покаже.
Ова значи дека во шпицот стартер би бил младиот Родриго, кој почесто игра како крило, или Доминиканецот Маријано Дијаз, кој во последните година и пол, играл само 98 минути, но даде гол во Ел Класико против Барселона во минатата сезона. Позитивно е враќањето на Еден Азар, па Зидан ќе има прилика да комбинира со офанзивната тројка.
Дали Вилјареал ќе ги искористи овие важни отсуства во Реал, останува да се види.