Реал Мадрид продолжува со одличните игри во шпанското првенство, откако без мнгоу проблеми со 3:0 славеше на гостувањето кај Валјадолид, во меч од 21 коло. За Кралскиот клуб ова е 15 победа сезонава и со 49 бодови е сигурен лидер на табелата. Втор е Атлетико Мадрид со 45 бодови, додека најголемиот ривал Барселона веќе има заостанување од 10 бодови, но и еден меч помалку одиграно.
Иако оваа предност на Реал е голема, тренерот Карло Анчелоти вели дека не смее да има опуштање и треба да бидат претпазливи.
„Треба да имаме баланс. Првенството е мнгоу долго за да речеме сега дека е завршено. Сега имаме мала предност и се надевам дека ќе ја задржиме. Важно е да се победува, на секој меч да се бориме. Сите екипи сакаат да победуваат. Можеби делуваше како лесен меч овој против Валјадолид, но не беше така. Нашиот тим игра добро, имавме добро темпо. Во иднина треба да продолжиме да ги подобруваме слабостите кои ги покажавме во првиот дел од сезоната“, рече Анчелоти по четвртата победа во низа во домашниот шампионат.