Реал Мадрид ги тужи навивачите на Барселона и Атлетико Мадрид

Реал Мадрид поднесе тужба против навивачите на Барселона и Атлетико Мадрид поради нивното наводно расистичко скандирање кон Винисиус жуниор, објави денеска Кралскиот клуб.

Причина за овој потег на Реал Мадрид е расистичкото скандирање на фановите на Атлетико Мадрид пред реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Интер, кој се играше во средата.

 

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како навивачите на Атлетико пред стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, го навредуваат Бразилецот кој е член на Реал Мадрид, на расна основа.

И навивачите на Барселона се тужени поради иста причина, тие наводно пред стадионот „Монжуик“ каде сезонава ги играат домашните натпревари, исто така на расна основа го навредувале Винисиус жуниор.

„Реал Мадрид ги повикува обвинителите да ги побараат видео снимките достапни на двете локации со цел да се идентификуваат виновниците. Реал Мадрид ги осудува овие насилни напади на расизам, дискриминација и омраза кон нашиот играч Винисиус жуниор“, стои меѓу другото во соопштението на Кралскиот клуб.

Винисиус жуниор подолго време е мета на напади на расна основа од трибините на стадионите, што предизвика серија на локални и меѓународни кампањи, вклучувајќи и создавање на специјално тело во ФИФА за борба против расизмот.

- Оглас -

Најнови вести