На 7 јануари ќе започне процедурата околу распишување претседателски избори во Реал Мадрид. Изборите ќе се одржат годинава, претседателот има четиригодишен мандат, а од 2009 наваму прв човек е Флорентино Перес.
Во 2021 година процесот беше експресен, само 13 дена од распишување до изборот. Перес тогаш немаше противкандидат. Големи се шансите тоа да се повтори и годинава.
Последен пат кога на избори имало повеќе кандидати било во 2006 година, кога победи Рамон Калдерон.
Шпанските медиуми објавија и кои се критериумите кои треба да ги исполни еден кандидат за да може да биде претседател на најголемиот клуб на светот. Има седум услови, и тоа: мора да биде Шпанец, да биде полнолетен и способен за работа, навреме да плаќа данок, да биде член на Реал Мадрид најмалку 20 непрекинати години, да не подлежи на санкции кои го дисквалификуваат од раководни позиции, да не зазема друга функција во фудбалот и да обезбеди банкарска гаранција од лични средства која ќе биде во висина на 15% од буџетот на клубот.