Реал Мадрид и Барселона ќе загубат дополнителни 18 милиони евра

Пандемијата од Коронавирусот продолжува да прави хаос во фудбалот. Откако беше откажано Европското првенство кое требаше да се игра ова лето, сега стигна потврда дека нема да се игра ни Интернационалниот куп на шампиони (ИЦЦ).

Ова натпреварување се формираше во 2013 година, а беа вклучени најдобрите клубови во светот. Форматот беше, гигантите да играат меѓусебни дуели за време на летниот подготвителен период и најчесто тие мечеви се играа во Америка, Австралија и Азија.

Поради прекинот на домашните првенства и фактот дека тие ќе се доиграат во летниот период, едноставно невозможно е да се организира и Интернационалниот куп на шампиони.

Оваа одлука носи дополнителен финансиски удар за сите клубови, а посебно ќе настрадаат Реал Мадрид и Барселона. Според планот, шпанските гиганти во рамките на овој куп требаше да одиграат четири меча, а еден да биде и Ел Класико, кое требаше да се игра во Лас Вегас.

За секој одигран меч на ИЦЦ, Реал Мадрид и Барселона имаат загарантирани три милиони евра, а за Ел Класико добиваат по девет милиони. Тоа значи дека од трите меча против други екипи ќе инкасираа вкупно девет милиони, плус девет милиони од меѓусебниот дуел, за вкупно 18 милиони евра, кои летово сепак нема да се влезат во касите на двата најтрофејни шпански клубови.

- Оглас -

Најнови вести