Реал Мадрид има план да го врати Тони Крос на „Бернабеу“

Реал Мадрид сериозно размислува да го врати Тони Крос во својата структура од следната сезона, но овојпат не како играч, туку како дел од спортскиот менаџмент на клубот, пишуваат шпанските медиуми.

Иако Германецот сè уште физички изгледа подготвен за фудбал, планот на Кралскиот клуб воопшто не е поврзан со негов камбек на теренот, туку со негово ангажирање во спортскиот сектор, каде би можел да придонесе со своето искуство и фудбалска интелигенција.

Во Мадрид постои силно убедување дека неговото присуство би донело нов квалитет во работата со тимот, особено во развојот на играчите и стратегијата на клубот во наредните сезони.

Крос зад себе остави длабока трага во Реал Мадрид, а во клубот сметаат дека неговото заминување создало празнина која сè уште не е целосно пополнета. Поради тоа, веќе се разгледуваат конкретни модели за негово враќање, иако конечната улога што би ја имал сè уште не е прецизирана.

Односот меѓу Крос и клупското раководство, вклучително и претседателот Флорентино Перес, отсекогаш бил одличен, а токму Перес наводно е еден од најголемите поддржувачи на идејата за негово враќање.

Крос и денес живее во Мадрид, каде што работи во својата фудбалска академија. Често се појавува во тренинг-центарот Валдебебас, каде учествува во активности со младите категории на Реал Мадрид, а повремено се вклучува и во тренерски задачи.

Во клубот веруваат дека неговото знаење, авторитет и искуство би можеле да бидат клучен адут во понатамошниот развој на спортскиот проект веќе од следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести