Реал Мадрид имаше роденденска среќа, реми со „вкус“ на победа за Кралевите

Реал Мадрид и Манчестер сити се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите и им се приклучија на Баерн Минхен и Пари Сен Жермен, кои вчера се радуваа. На „Сантијаго Бернабеу“ Реал Мадрид одигра 1:1 против Лајпциг, но и ова реми е доволно за да продолжат меѓу најдобрите осум екипи во Европа.

Кралскиот клуб вечерва славеше 122 роденден и на убав начин го прослави. Домаќините први дадоа гол, и тоа во 65-тата минута. Суперѕвездите Џуд Белингам и Винисиус јуниор одлично комбинираа. Првиот асистираше, а Бразилецот погоди за водство на домаќините.

Сепак, Лајпциг не се предаде и само три минути подоцна со голот на капитенот Орбан израмни на 1:1 за да биде неизвесно до самиот финиш, но гостите едноставно немаа сили за втор погодок, со кој би стигнале до продолженија. На крајот, како клучна се покажа победата на Реал во првиот меч на гости во Германија со 1:0.

Манчестер сити очекувано продолжува во следната фаза од елитното натпреварување на УЕФА откако вторпат славеше над Копенхаген. Сите дилеми беа решени уште во првото полувреме, односно само по 10 одиграни минути. Аканџи и Алварес погодија за домаќините за водство од 2:0. Копенхаген даде почесен гол преку Елиунуси, а Халанд погоди за 3:1 во последните моменти од првиот дел.

Во второто полувреме падна темпото на игра, домашниот тим рутински ја сочува предноста и се пласира во следната фаза од елитното натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести