Фудбалерите на Реал Мадрид славеа со минимални 0:1 на гостувањето кај градскиот ривал Хетафе во осмото коло во Ла Лига. Со триумфот, „кралевите“ се осамостоија на врвот на табелата со 22 бода, барем до утре кога Барселона со евентуална победа над Селта, ќе се израмни по бројот на освоени бодови.
Со триумфот од 0:1, Реал Мадрид ја прекина серијата од три натпревари без постигнат гол на стадионот „Алфонсо Перес“.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, одлучи да му даде одмор на својот најдобар играч Карим Бензема, додека не можеше да смета на повредениот голман Тибо Куртоа, но и покрај тоа, неговите играчи и се радуваа на победата.
„Кралевите“ победата ја обезбедија на самиот почеток од средбата, по корнерот на Лука Модриќ во четвртата минута, Едер Милитао беше највисок во петерецот на домашниот тим и го совлада Давид Сориа.
Modric to Militao and BOOOM pic.twitter.com/r3lDzs1ZUz
— M•A•J (@Ultra_Suristic) October 8, 2022
До крајот на натпреварот, играчите на Реал го контролираа натпреварот и не му дозволија на градскиот ривал посериозно да се закани по голот на Андриј Лунин.
Родриго во првото полувреме имаше одлична можност да се запише во листата на стрелци, но неговиот шут го одбрани Давид Сориа.
Бразилецот во второто полувреме, во 57. минута постигна гол, но судијата Антонио Матеу Лахоз одлучи да се консултира со ВАР технологијата по што го поништи голот поради офсајд.
До крајот на средбата, „кралевите“ рутински го чуваа водството и ја забележаа седмата победа во осмиот меч во Ла Лига.