Светот на кошарката наскоро би можело да доживее големи промени бидејќи Реал Мадрид е блиску до одлука да ја напушти Евролигата и да се приклучи на проектот НБА-Европа, пишува добро информираниот мадридски весник „АС“.
Договорот сè уште не е формално потпишан, но „АС“ наведува дека Реал е решен да ја прифати понудата.
„Разговорите со НБА-лигата се во напредна фаза, иако договорот сè уште не е потпишан. Дијалогот е во тек и води кон соработка која ќе го промени кошаркарскиот пејзаж“, стои во текстот на „АС“.
Во меѓувреме, високи претставници на НБА-лигата моментално се во Европа, каде што организираат промотивни натпревари меѓу Орландо и Мемфис во Берлин и Лондон.
Тие ја искористија можноста и за низа состаноци со водечки европски клубови и, судејќи според сè, успеале да убедат некои од нив да се приклучат на новото натпреварување.
НБА наводно им понудила на мадриѓаните водечка улога во создавањето на новата кошаркарска мапа на Европа.
Ако информациите на мадридскиот весник се точни, од следната сезона најголемите шпански ривали, Барселона и Реал, ќе играат во две различни европски натпреварувања бидејќи Каталонците потпишаа нов десетгодишен договор со Евролигата.

