Реал Мадрид му е благодарен на Кристијано, но не размислува да го врати

Италијанските медиуми пред два дена се распишуваа дека Кристијано Роналдо би можело да си замине од Јувентус и да се врати во Реал Мадрид, кој наводно многу му недостасувал, а цената која Кралскиот клуб треба да ја плати е 60 милиони евра. Но, денеска најпознатите шпански спортски весници блиски до Реал ја отфрлаат таквата можност.

Иако не се цитираат изјави од претставници на Реал, јасно е дека кога ќе се пишува истата работа и во „Марка“ и во „Ас“, изворот е некој од клубот. Двата весника пишуваат дека Реал не размислува да го врати Роналдо, иако односите им се стоплени, за што доказ е и присуството на Португалецот на последното Ел Класико, кога од ложата ги прослави головите.

„Реал го цени тоа што Роналдо го направи за клубот, но нема ништо од враќање“ и „Роналдо не се вклопува во проектот на Реал“, се дел од насловите објавени во мадридските медиуми.

Роналдо има 35 години, платата му е огромна, а Реал оди кон подмладување на тимот и важна улога во иднина ќе им се дава на Валверде, Винисиус, Родриго, веројатно и Одегард и Хакими, кои играат на позајмица во други клубови. За нападот се планира да се доведе Килијан Мбапе во 2021 година, а опција Б е Ерлинг Халанд.

Покрај тоа, претседателот на Реал Мадрид има своја политика и досега никогаш нема вратено фудбалер кој веќе еднаш го продал. Во тимот на Реал, само Марсело е во добри односи со Кристијано, останатите му се лутат што тој не се појави кога Лука Модриќ ја доби наградата за играч на годината.

- Оглас -

Најнови вести