Фантастично второ полувреме и вистинска драма во Севиља, каде Барселона и Реал Мадрид се уште го играат финалето од шпанскиот Куп. После 90 минути игра нема победник, резултатот е нерешен, 2-2, па ќе се играат продолженија од двапати по 15 минути, а можеби и пенали.
„Каталонците“ имаа водство од 1-0 со голот на Педри во 28-мата минута, Реал Мадрид беше буквално невидлив во првиот дел, но во второто полувреме комплетно различна слика на теренот. Доминација на „кралевите“ изразена со голем број на шанси, а мрежата на Барселона конечно беше начната во 70-тата минута, кога Килијан Мбапе погоди директно од слободен удар.
Во 77-мата минута комплетен пресврт. Чуамени со глава бие после корнерот на Ѓулер и ги носи „кралевите“ во водство од 2-1. Сепак, Феран Торес е спасителот на Барселона, кој знаеше како да го искористи киксот на одбраната на Реал Мадрид и да израмни на 2-2 во 84-тата минута.
Натпреварот можеше да има и комплетно поинаков епилог, откако Бенгоечеа во 96-тата минута покажа на белата точка за Барселона, откако беше соборен Рафиња, но после прегледувањето на снимката, баскиецот ја промени одлуката и му покажа жолт картон за глумење на Бразилецот.