Реал Мадрид стигна до шестата победа во шестиот меч сезонаво во шпанското првенство, откако без многу проблеми со 4:1 победи на гости кај Леванте. Кралскиот клуб уште на стартот тргна офанзивно. Во првото полувреме Реал упати 15 шута кон противничкиот гол, од кои шест беа во рамките на голот.
Отпорот на Леванте беше скршен во 28 минута кога погоди Винисиус јуниор за 1:0 за фаворитот.
Само 10 минути по првиот гол, Реал повторно погоди, а овојпат стрелец беше тинејџерот Франко Мастантуоно. Аргентинецот се израдува на првиот гол во дресот на Реал Мадрид, откако погоди во небранетиот дел од мрежата и стана вториот најмлад стрелец за Кралскиот клуб во 21 век. Мастантуоно погоди со 18 години и 40 денови, а пред него е само Ендрик Фелипе кој во август 2024 година погоди со 18 подини и 35 дена.
Во второто полувреме Леванте даде гол за 1:2 во 54 минута преку Ета Ејонг. Сепак, кратко траеше надежта за домаќините. Во 63 минута беше досуден пенал за Реал Мадрид, а Килијан Мбапе беше прецизен.
Само три минути подоцна, повторно Мбапе беше на сцена кога погоди за 4:1, потврдувајќи дека трите бода ќе заминат за гостите од Мадрид.