Реал Мадрид е во криза, како резултатска така и играчка. Кралскиот клуб, кој има само една победа во последните пет меча, се соочува со голем број повредени фудбалери и пред голем предизвик, а тоа е дуелот против Манчестер сити во Лигата на шампионите.
На листата на повредени играчи кај Реал се: Алаба, Милитао, Менди, Александер-Арнолд, Хујсен, Карвахал и Камавинга. Во составот има само двајца здрави централни дефанзивци и ниту еден класичен десен бек. Раул Асенсио и Антонио Ридигер треба да бидат стопери пред голот на Куртоа, додека Карерас и Фран Гарсија може да ги заземат крилните дефанзивни линии.
Поради големиот број повредени играчи, тренерот Чаби Алонсо беше принуден во составот да повика тројца јуниори. Тинејџерите Жоан Мартинес и Виктор Валдепенас во одбраната и средниот играч Честеро барем формално ќе ја прошират ротацијата.
Реал е под притисок дека мора да победи, а фактот дека има многу повредени играчи прави оваа задача да биде дополнително тешка.

