Реал Мадрид повторно направи брејк во Белград и се избори да игра мајсторка пред своите гледачи

Кошаркарите на Реал Мадрид славеа и на вториот натпревар во Белград против Партизан во четвртфиналната серија во Евролигата и се изборија за мајсторка која ќе ја играат пред своите гледачи.

Кралевите во „Штарк арената“ славеа со78:85 и израмнија на 2-2 во победи во серијата кој прв до три триумфи.
Пред натпреварот ја немаше вообичаената атмосфера во „Штарк арената“ поради вчерашниот масакр во основно училиште во Белград, каде што 13-годишен ученик уби осум соученици и наставничка. Наместо клупската химна, пред натпреварот имаше аплаузи, солзи и цвеќиња на теренот со кои навивачите им оддадоа почит на убиените.

Тивката атмосфера во салата ја искористија Кралевите да имаат одличен старт и во првата четвртина да дојдат дури до 14 поени предност. Црно-белите успеаја да се вратат во игра во втората четвртина, која ја добија со 27:18 и на одмор заминаа со минус само од три поени (42:45).

Второто полувреме помина во голема борба под кошевите, Црно-белите се обидуваа да ја стигнат предноста на Реал и за момент успеаја во тоа во 25-тата минута, кога по поените на Данило Анѓушиќ поведоа со 51:49, но Таварес екпресно возврати и ја врати предноста на Кралевите. До крајот на мечот, се водеше голема борба, најголемата предност на Реал изнесуваше шест поени (55:61), а во последните три минути се влезе во минимална предност 74:76.

Сепак, во одлучувачките моменти подобро се снајдоа Кралевите и на крајот славеа со 78:85.

Адам Ханга и Валтер Таварес со по 15 поени беа најпрецизни кај Реал Мадрид, а по 14 дадоа Габриел Дек и Џанан Муса, додека кај Партизан најдобар беше Зак Ледеј со 25 постигнати поени.Одлучувачкиот натпревар ќе се игра во среда на десетти мај.

Макаби Тел Авив го декласира Монако со 104:69 и со 3-1 во победи се пласира на завршниот турнир во Жалгирис.

- Оглас -

Најнови вести