Цели 1.000 дена поминаа откако ниту еден друг клуб освен Реал Мадрид не бил шампион на фудбалската Лига на шампиони. Најголемиот клуб на светот за 20-тиот век и во 21-виот е најуспешен по бројот на европски титули, а серијата од три титули по ред е најдолга во последните 40 години и единствена таква откако ЛШ се игра по сегашниот формат.
На 28-ми мај 2016 година, на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, „кралевите“ во финалето на ЛШ на пенали го победија градскиот ривал Атлетико и дојдоа до својата 11-та клупска европска титула. Тогаш веројатно никој не ни можеше да претпостави дека Реал цели три години ќе седи на фудбалскиот Мон Блан, а можеби ќе бидат и повеќе. Последни тимови кои трипати по ред биле европски прваци се Ајакс и Баерн од 70-тите години во минатиот век.
Реал направи огромен успех кога ја одбрани титулата во 2017 година, кога во финалето во Кардиф го победи Јувентус, а лани во финалето во Киев, жртва во финалниот меч беше Ливерпул и направен е хет-трик кој можеби ќе биде тешко да се повтори во догледно време.
Од тоа финале со Атлетико во мај 2016 до денеска поминаа точно 1.000 дена. Реал е неприкосновен европски владетел цели илјада дена, а ако 13-кратниот европски првак повторно слави, може да дојде и до 1.500 дена како владетел на Стариот Континент. Следното финале од ЛШ е на први јуни, и тоа во Мадрид, но не на стадионот на Реал, туку на Атлетико.
Во редовите на Реал веќе ги нема тренерот Зинедин Зидан и главниот напаѓач Кристијано Роналдо, тие беа главни фигури во воспоставувањето фудбалска клупска династија, па сите се прашуваат дали претседателот Флорентино Перес и понатаму ќе продолжи да ги реди „ушлестите“ пехари во трофејната сала на Реал Мадрид како на оваа снимка: