Реал Мадрид со победа ја заврши 2022 година и сигурно дека Кралскиот клуб сака во ист ритам да започне и во 2023 година. Најтрофејниот шпански клуб вечерва игра во 16-финалето на Купот на Шпанија, и тоа на гости кај нисколигашот Касерено.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, потврди дека за овој меч нема да може да смета дури на седуммина стандардни првотимци. Голманот Тибо Куртоа и дефанзивецот Дани Карвахал се пожалиле на повреди по дуелот со Валјадолид, а другите ќе бидат изоставени затоа што им е потребен малку одмор.
„Куртоа и Карвахал имаат мали проблеми со повреди, но ќе бидат подготвени за средбата против Вилјареал. Во Купот ќе одмораат исто како и Крос, Алаба, Бензема, Винисиус и Менди. Останатите играчи отпатуваа и се подготвени да играат“, рече Анчелоти.