Зинедин Зидан за вечерашниот пријателски меч на Реал Мадрид против Рома во Рим, го повика Герет Бејл, и тоа е најголемото изненадување на листата. Нема да играат повредените Рамос, Асенсио, Брахим и Менди, а со техничка одлука ги нема третиот голман Лунин, Хамес Родригес и Маријано, за кои излезната врата е ширум отворена.
Сепак, за Бејл имаше место во авионот, иако и Велшанецот не му е омилен на Зизу, и отворено му беше кажано дека не сметаат на него. Проблемот е што Бејл има голема плата и не е лесно да се најде купувач за него, па Велшанецот би останал член на Реал и во следната сезона, дури и по цена да не одигра ниту еден меч. Откако пропадна можност Бејл да биде продаден во Премиерлигата, сега или ќе мора да остане во Реал, или да биде продаден, за да се соберат пари за купување на Нејмар, кој му е понуден на Реал од страна на ПСЖ.
Зидан и натаму инсистира да се купи играч од среден ред, приоритет им е Дони Ван де Бек од Ајакс, бидејќи главната желба Пол Погба, речиси и да нема шанса да се оствари, иако до 2 септември кога завршува преодниот рок во Шпанија, се може да се случи.