Реал Мадрид минатото лето му платил на Челзи дури 160 милиони евра за Еден Азар, а не 100, како што се мислеше. Белгиските медиуми ја открија потенцијалната измама, и тоа благодарение на нисколигашот Тубизе, кој имаше право на 0,5 проценти од трансферот.
Азар кога имаше 12-13 години, тренираше и играше во Тубизе, клуб кој од трансферот на Азар во Реал заработил дури 800.000 евра. Математиката кажува дека 800 илјади е 0,5 проценти од 160 милиони. Ова значи дека Реал платил 160 милиони евра или повторно нешто друго е во прашање.
Корејска компанија се обидела на измамнички начин да ја добие втората рата која му припаѓала на Тубизе, па Белгијците сакале да го тужат Реал, но Кралскиот клуб го исплатил Тубизе без да се оди на суд.
Со 160 милиони евра, Азар би бил најскапо платено засилување на Реал, но тој трансфер не е светски рекорд. Најголемата отштета и понатаму се оние 222 милиони за Нејмар, кога од Барселона премина во ПСЖ. Азар потфрли во првата сезона во дресот на Реал, имаше и доста отсуства поради повреда и не ги оправда вложувањата во него. Тој сега порача дека треба да му се суди врз игрите во втората сезона, па останува да се види дали ќе игра подобро или тоа ќе бидат џабе потрошени тешки милиони од страна на Реал.