Шпанското првенство е точно на половина, односно досега се одиграа 19 кола, а Реал Мадрид е лидер на табелата. Рамо до рамо со Кралскиот клуб е најпријатното изненадување, Жирона, додека Барселона и Атлетико Мадрид веќе имаат посериозно заостанување.
Во последните неколку години, Реал беше фокусиран на доведување таленти од Бразил. Одлична работа беше направена со доведувањето на Винисиус Јуониор, Родриго Гоес, а сега и со Ендрик, кои се сегашност, но и иднина на клубот.
Сепак, има и едно бразилско име кое е целосно заборавено. Се работи за Рејниер Жезус Карваљо, кој во јануари 2020 година за сума од 30 милиони евра се пресели од Фламенго во Реал Мадрид. Тогаш талентираниот 18-годишен Рејниер се најавуваше како иднина на клубот, но по четири поминати години, тој уште нема дебитирано за Кралевите.
Рејниер почна во младинскиот тим на Реал, потоа настапуваше и за резервниот состав, но уште нема деби за сениорите. Беше даден и како позајмен играч во Борусија Дортмунд, Жирона и Фрозиноне, но никако Бразилецот не може да ја „оживее“ кариерата.
Ако Реал го плати 30 милиони евра пред четири години, сега вредноста на Рејниер се проценува само на четири милиони евра, што е речиси 10 пати помалку од тоа што беше платено за него.
Рејниер има само 22 години и уште може да покаже дека вреди. Веќе имаше и пет настапи за сениорската селекција на Бразил, но никако да дебитира за Реал Мадрид. Актуелниот договор со кралскиот тим му е до јуни 2026 година.