Касемиро е заморен од напорните патувања кои ги имаше додека играше за Бразил и Зидан сака да го одмори и зачува за дуелот со ПСЖ, Модриќ и Валверде имаат повреди кои ги спречуваат да играат утре, Иско е на листата на повредени, па Германецот Крос е единствениот фудбалер од средниот ред на Реал Мадрид кој е целосно подготвен и здрав за дуелот со тимот на Енис Барди.
Реал утре рано попладне го пречекува Леванте, а нема да може да игра ниту расположениот Бејл кој доби црвен картон во минатото коло и треба да одлежи суспензија.
Тренерот Зидан ќе мора да ја напушти својата омилена концепција, па веројатно стартери ќе бидат Лукас Васкес и Хамес Родригес, како и најголемото засилување Азар. Веројатно принудно ќе мора да игра и Касемиро, но тешко дека ќе биде користен 90 минути, бидејќи во Реал мислат и на гостувањето во Париз од Лигата на шампионите.