Шпански „Ас“ открива детали од понудата која ја има Реал Мадрид за трансфер на Винисиус во Саудиска Арабија, иако демант за вакво нешто имаше и од фудбалерот и од тренерот на Кралевите. Арапите самоуверено изјавуваа дека трансферот еден ден ќе се реализира, а сега се открива дека Реал Мадрид на маса има понуда од 300 милиони евра од екипата на Ал-Ахли.
Доколку Флорентино Перес ја прифати понудата, тоа ќе биде убедливо најскапиот трансфер во историјата на фудбалот и ќе го надмине оној на Нејмар од Барселона во ПСЖ за 222 милиони евра во 2017 година.
На Бразилецот му нудат петгодишен договор со плата од по 200 милиони евра годишно, односно една милијарда евра за пет години, па и тоа ќе биде уште еден рекорд. Освен тоа, Винисиус ќе биде и амбасадор на Светското првенство во 2034 година, кое треба да се одржи во Саудиска Арабија.
Според информации на „Ас“, Флорентино Перес е подготвен да ја прифати понудата, но само доколку и фудбалерот сака да замине во Саудиска Арабија.