Шансите на Реал Мадрид да се најде во четвртфиналето од Лигата на шампионите не се баш добри, Кралскиот клуб вечерва на „Етихад“ мора да даде минимум два гола против Манчестер сити, плус тоа во составот ќе го нема капитенот и лидер на екипата Серхио Рамос, кој е суспендиран, но ако некој не смее да се отпише во ваква ситуација, тоа е Реал.
На првиот меч во Мадрид, Сити славеше на „Бернабеу“ со 2-1, но тогаш Зинедин Зидан ги немаше на располагање Азар и Асенсио, а и психички тимот не беше стабилен како сега, откако ги победи сите ривали на патот до титулата во шпанската Ла Лига.
Зидан на клупата на Реал никогаш не бил елиминиран во ЛШ, а ова е негов најсериозен испит. Сити е многу силен тим со одличен тренер, па затоа и на Реал не му се даваат многу шанси дека може да направи изненадување. Зизу досега имал девет елиминациски двомечи и три финалиња во Реал во ЛШ, и секогаш излегувал како победник. Тоа не смее да се заборави, исто како ни податокот дека Реал победи на последните седум гостувања во осминафиналната рунда.
Жртви на Реал на неговите гостувања во осминафинале на ЛШ во последните седум сезони беа: Манчестер јунајтед, Шалке 04 двапати, Рома, Наполи, ПСЖ и Ајакс.